Monthly Archives: February 2014

РАБОТИЛНИЦА ЗА ПОДДРШКА НА ЈАПОНСКИТЕ ДЕЦА НАСТРАДАНИ ВО ЦУНАМИ

japonska-rabotilnica

 

На 26.2.2014 година во ОУ „Лазо Ангеловски“ се одржа работилница за поддршка на јапонските деца со цел надминување на трагедијата предизвикана од елементарната непогода Цунами во Јапонија, како и запознавање на македонско – јапонската култура.
На работилницата присуствуваа македонската амбасадорка во Јапонија, Андријана Цветковиќ и претседателката на здружението Мак-Јамс од Скопје, Фросина Гечева – Кочова.
Оваа македонско – јапонска соработка се реализира веќе трета година, така што овој пат се вклучија и учениците од второ (II – 4), четврто (IV – 1) и петто (V-1) одделение.
За време на работилницата учениците беа поделени во групи и изготвуваа македонско – јапонско знаме, ја претставија јапонската традиционална носија – кимоно, цртаа бонсаи, го претставија „Денот на момчињата“ кој во Јапонија се слави на 5-ти март и изработуваа разни декоративни предмети поврзани со јапонската традиција, како што се ладала, оригами, ламби и сл.
На крајот од работилницата учениците покрај изведбата на традиционалната јапонска песна „На брегот“ – „ХАМА БЕ НУТА“, снимија и видео пораки за јапонските деца, со цел полесно да ја надминат елементарната непогода која ги зафати.

УЧЕНИЦИТЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ НОСАТ УЧИЛИШНА ОБЛЕКА

obleka1

Денеска, 6.2.2014 година, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски го промовираа проектот воведување задолжителна училишна облека во основните училишта во Општина Аеродром.

„Почнувајќи од септември учениците од сите основни училишта во Општина Аеродром ќе почнат да носат училишна облека“, изјави градоначалникот Коневски.

Тој додаде дека целта на овој проект е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. На тој начин, основните училишта ќе ги достигнат стандардите на училиштата од европските метрополи.

Министерот Ристовски го поздрави проектот како позитивен пример за тоа како учениците ќе можат полесно да се фокусираат на воспитно-образовниот процес, наместо на изгледот и начинот на облекување и аплеираше овој тренд да го прифатат и другите општини во Република Македонија.

Училишната облека ќе се состои од сиви панталони, бели блузи и тегет елеци со амблем, на кој ќе биде извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето.

Девојчињата ќе имаат можност да одберат здолниште или панталони. Трошоците за 5.700 училишни комплети ќе ги покрие Општина Аеродром.

Со воведувањето на училишната облека се очекува да се постигне и чувство на еднаквост меѓу децата, да нема поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а од друга страна, пак, на родителите да им се намалат трошоците за купување гардероба, која некои родители не можат да си ја дозволат.

Инаку, претходно Општина Аеродром направи сондажа меѓу родителите, при што тие покажаа голем интерес за прифаќање на овој проект.

ИЗВЕСТУВАЊЕ

Почитувани наставници, ученици и родители,

Ве потсетуваме дека во нашето училиште ПОНЕДЕЛНИК е прогласен како ЕКОЛОШКИ ДЕН, кога сите ученици, но и наставници треба да го носат пластичниот отпад од дома (исклучиво шишиња од: вода, сокови, јогурт, пиво, масло и оцет).
За одржливост на акцијата пожелно е сите деца да носат од дома по најмалку 5 пластични шишиња (сплескани и спакувани во посебна кеса).
Според количината на собраниот отпад, кој што ќе се мери еднаш неделно, фирмата Пакомак, континуирано ќе обезбедува течен сапун за потребите на училиштето.
На крајот од учебната година се обезбедува главна награда за училиштето што собрало најмногу отпад на ниво на општина.

Ве замолуваме сите да се вклучите во акцијата за собирање на пластични шишиња, да ја заштитиме нашата околина и да се бориме за главната награда!

Одговорно лице
Катерина Стојчевска
социјален работник