Daily Archives: 05/03/2014

ОУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ДОМАЌИН НА ЕКО-САМИТОТ

eko-samit

         Во ОУ „Лазо Ангеловски“ на 5.03.2014 година се одржа петтиот по ред Еко самит како дел од Програмата за „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.
Целта на оваа програма е да се подигне свеста за заштита на животната средина кај децата од градинките и кај учениците од основните и средните училишта.
На самитот министерот за образование и наука, Спиро Ристовски ги додели наградите за најдобрите еко-училишта, додека наградите за најдобри еко-градинки ги додели амбасадорот на Швајцарската конфедерација, Стефано Лазарото.
„Посебно задоволство ми претставува што училиштата и градинките многу позитивно и активно ја прифатија имплементацијата и реализацијата на Програмата. Во изминатите три години тие ги интегрираа дефинираните програмски содржини во нивните Годишни програми за работа и воведуваа еколошки теми за работа, со што секое училиште и секоја градинка помогна, но и понатаму ќе помага во унапредувањето на нашиот воспитно-образовен систем и неговото приближување до европските модел на образовен систем“, изјави министерот Ристовски.
Програмата за „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ ја спроведува Министерството за образование и наука во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Здружението за едукација, консалтинг и комуникација ОХО.
Во рамки на Програмата, за учебната 2012/2013 година награди добија педесет и две воспитно образовни институции и тоа со Зелено знаме се закитија 9 детски градинки, 22 основни училишта и 6 средни училишта. Сребрено ниво постигнаа 1 градинка, 9 основни и 3 средни училишта, а бронзено ниво 1 основно и 1 средно училиште.