Денеска, 25.8.2014 година, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски во ОУ „Лазо Ангеловски“ ја промовираа новата задолжителна училишна облека во основните училишта во Општина Аеродром. „Од септември учениците од сите основни училишта во Општина Аеродром ќе почнат да носат училишна облека“, изјави градоначалникот Коневски. Тој додаде дека целта на овој проект е сите ученици да бидат облечени во иста облека и да се навикнат на соодветен кодекс на облекување. На тој начин, основните училишта ќе ги достигнат стандардите на училиштата од европските метрополи. Заменик-министерот Ристовски го поздрави проектот како позитивен пример за тоа како учениците ќе можат полесно да се фокусираат на воспитно-образовниот процес, наместо на изгледот и начинот на облекување и апелираше овој тренд да го прифатат и другите општини во Република Македонија.
Училишната облека се состои од сиви панталони, бели блузи и тегет елеци со амблем, на кој е извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето. Девојчињата ќе имаат можност да одберат здолниште или панталони. Трошоците за 6.000 училишни комплети ги покри Општина Аеродром. Со воведувањето на училишната облека се очекува да се постигне и чувство на еднаквост меѓу децата, да нема поделби и разлики меѓу нив во начинот на облекување, а од друга страна, пак, на родителите да им се намалат трошоците за купување гардероба, која некои родители не можат да си ја дозволат. Инаку, претходно Општина Аеродром направи сондажа меѓу родителите, при што тие покажаа голем интерес за прифаќање на овој проект.