По повод 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во нашето училиште беше организиран литературен настан под мотото „Милоста кон мајчиниот јазик – наш долг и свето право“. Во рамките на настанот беа опфатени неколку активности.
Пред присутните настaвници и учениците, група ученици од IX одд. преку презентација го претставија историскиот развој на македонскиот јазик од почетокот на XX век па сѐ до кодификацијата на македонската стандарднојазична норма. Учениците од драмската секција изведоа куса драматизација за значењето и грижата за мајчиниот јазик од страна на учениците.
В.д. директорката м-р Магдалена Петреска им ги додели признанијата на наградените ученици за освоените места на минатогодишниот литературен конкурс за мајчиниот јазик, распишан во рамките на училишната библиотека, по што секој ученик ја прочита својата литературна творба посветена на мајчиниот јазик.
Наградени ученици:
I категорија – песна (поетска творба)
- 1 место: Марија Кузмановска 6-1 одд.
- 2 место: Јаков Павловски 5-5 одд.
- 3 место: Лана Настевска 4-2 одд.
II категорија – есеј (прозна творба)
- 1 место: Вероника Илијевска Тосковска 7-6 одд.
- 2 место: Александар Цветковски 7-1 одд.
- 3 место: Ванеса Димовска 8-5 одд.
Големиот Крсте Петков Мисирков за јазикот ќе рече: ,,Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зошто е наш, исто како што е наша татковината. Еден народ што го изгубил својот јазик, личи на човек кој го изгубил патот и не знае ни каде оди, ни кој е. Без јазик сме никој и ништо!”
Наша обврска е да го чуваме и милуваме мајчиниот јазик, затоа што тој е најцврстиот столб на нашиот идентитет и постоење, тој е наше културно обележје и наше духовно богатство дадено од прадедовците. Македонскиот јазик е единствен јазик и тој постоел, постои и ќе постои засекогаш.
Нека ни е честит Меѓународниот ден на мајчиниот јазик!
Нека ни е вечен јазикот наш македонски!