Од 21 до 26. Х 2016 год. се одржа 4. Филмски фестивал за деца и млади „Џифони“, на којшто учествуваа и дваесет ученици од ООУ „Лазо Ангеловски“, како меѓународни судии, заедно со наставничката Валентина Петрова и библиотекарот Благица Ангеловска. Фестивалот се одржуваше во просториите на Кинотеката на Македонија и во МКЦ, а беше организиран во три категории: јуниори, кадети и сениори. Нашите ученици учествуваа во категоријата јуниори за ученици од 11 до 15 години заедно со претставници од други училишта од општините Аеродром и Карпош. Фестивалските денови беа организирани во два дела: проекции на филмови со дискусии во претпладневните часови и креативни работилници во попладневните. Како специјални гости се појавија уметничкиот директор на „Џифони искуство“ (Giffoni Experience), Клаудио Губитози, и еден од продуцентите на филмот „Син велосипед“ (Blue Bicycle), Нурсен Четин Корекен.
Креативните работилници, пак, им овозможија на учениците да создаваат стоп-анимации, стрипови, танчерски кореографии и џебни изработки од дрво, хартија и пластелин.